Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје врз основа на одлука донесена од Одборот на директори на Македонската берза на седницата одржана на 28.11.2008 година, објавува
К О Н К У Р С
за годишна награда за истражувачки труд од областа
на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје доделува годишна награда за 2008 година за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.
Годишната награда на Македонската берза изнесува 60.000,00 денари.
Трудот треба да обработува тема од областа на функционирањето на пазарот на хартии од вредност и задолжително да содржи апликативен дел за состојбата на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, односно истражувачката материја да се доведе во корелација со актуелната состојба во Република Македонија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија. Вработените и членовите на органите на управување на Македонската берза и вработените и членовите на органите на управување во членките на Македонската берза немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски јазик.
Обемот на трудот не треба да надминува повеќе од 30 страници.
Еден автор има право да поднесе само еден труд.
На конкурсот авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во текот на 2008 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје со назнака: „За годишна награда на Македонската берза за 2008 година“ по електронски пат, на адреса: zakonkurs@mse.org.mk.
Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Изборот на најдобар труд го врши Комисија која се состои од пет члена, од кои најмалку двајца се надворешни членови. Претседателот и членовите на Комисијата ги назначува Одборот на директори на Македонската берза со одлука која ќе се објави на интернет страницата на Македонската берза.
Краен рок за доставување на трудовите е 31.03.2009 година.
Годишната награда на Македонската берза ќе се додели на годишната конференција на Македонската берза предвидена за Април 2009 година.
МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД СКОПЈЕ