Известување од Комерцијална банка АД Скопје
четврток, 24 март 2005
Комерцијална банка АД Скопје известува дека на Осумнаесеттата редовна седница на Собранието на банката одржана на 23.03.2005 година, покрај одлуката за изедначување на номиналната вредност на обичната акција со номиналната вредност на приоритетната акција во износ од 1.000,00 денари и замена на постојните обични акции во сооднос 5 нови за секоја постојна 1 обична акција, се донесени и следните одлуки:
- Собранието на Банката ја потврди предложената Одлука на Управниот одбор на Банката за употреба и распоредување на нераспределената добивка до 31.12.2004 година и го прифати предлогот дивидендата за 2004 година на 1 приоритетна акција да изнесува 9,6 % во однос на нивната номинална вредност, а дивидендата за 1 обична акција да изнесува 9,6 % во однос на нивната номинална вредност.
- Собранието на Банката го прифати предложениот дивиденден календар:
- Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2004 година е 05.04.2005 година.
- Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2004 година е 06.04.2005 година.
- Датум на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право да добијат дивиденда за 2004 година е 08.04.2005 година.
- Исплатата на дивиденда за 2004 година ќе започне на 18.04.2005 година.
- Собранието на акционери на Банката донесе Одлука за стекнување на сопствени акции со откуп. Основни одредби од Одлуката се:
Собранието на Банката одобрува стекнување до 90.286 обични сопствени акции во вкупна номинална вредност од 90.286.000,00 денари.
Купувањето на сопствените акции Банката ќе го врши од делот од добивката за годината утврдена до 31.12.2004 година распореден за откуп на сопствени акции во износ од 45.143.099,50 денари.
Номиналната вредност на сопствените акции што Банката може да ги откупи изнесува до 4,48 % од номиналната вредност на акционерскиот капитал на Банката.
Откупот на акциите ќе се врши најдоцна до 23.03.2006 година.
Најниската цена што може да се плати за откуп на сопствените акции се утврдува на 500,00 денари за една обична акција, а највисоката цена што може да се плати за откупот на сопствените акции се утврдува на 3.000,00 денари за една обична акција.
- Собранието на Банката ја донесе предложената Одлука за измена и дополнување на Одлуката за замена на приоритетни акции во обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје со која членот 2 се менува и гласи:
"Замената на акциите се врши во однос 1 приоритетна акција со поединечна номинална вредност од 1.000,00 денари за 1 обична акција со поединечна номинална вредност од 1.000,00 денари.
Времето во кое може да се врши замената се утврдува до 31.12.2006 година, освен во период од 15 февруари до датумот на евиденција, вклучувајќи го и датумот на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право да добијат дивиденда".
- Собранието на Банката донесе Одлука за разрешување на член на Управниот одбор на Банката и Одлука за назначување на член на Управниот одбор, согласно кои е разрешен по нејзино барање членот на Управниот одбор Цветанка Симоновска од Алкалоид АД Скопје, а за член е назначен Вујица Илиески, генерален директор на МЗТ Енергетика АД Скопје.