Прилози од 23-тата годишна конференција на Македонска берза
понеделник, 23 септември 2024

Во период од 19-21 септември во Охрид во организација на Македонската берза Скопје се одржа 23-тата Годишна конференција на Берзата. Оваа година на овој настан присуствуваа преку 220 претставници од финансискиот сектор и индустријата на хартии од вредност, котираните компании и другите друштва, државните институции и универзитетите и сите останатите субјекти чија дејност е поврзана со работењето или инвестирањето во хартии од вредност.

Македонска берза веќе две децении години организира годишни конференции коишто претставуваат настан со препознатлив имиџ, како во однос на актуелноста на темите кои се предмет на дискусија, така и во однос на компетентноста на учесниците во бројните панели и одржани презентации и говори. Годинава настанот беше организиран во два конференциски дена и на програмата беа три главни панела, интересни презентации, интевјуа на бина на теми поврзани со пазарите на капитал со триесетина говорници и панелисти од 10 различни држави.

Конференцијата со воведни обраќања ја отворија Министерката за финансии, г-ѓа Гордана Димитриеска Кочоска и Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје г-дин Иван Штериев.

            

Говорот на директорот Штериев можете да го преземете на следниов линк 

Работниот дел од првиот конференциски ден започна со специјална презентација на тема „Македонската и Загребската берза – 5 години после“, од страна на Ivana Gazic, Претседател на Управниот одбор на Загребска берза и член на Одборот на директори на Македонската берза, која се осврна на развојот на Македонската и Загребската берза во последните пет години, односно еволуцијата и моменталната динамика на меѓусебните односи помеѓу двете берзи.

На првата панел дискусија „Домашните институционални инвеститори и Берзата“ своето искуство на оваа тема го споделија Маријан Николовски, Член на Управен одбор, Триглав пензиско друштво, Весна Стојановска, Генерален директор, КБ Прво Пензиско Друштво, Татјана Бојковска, Член на Управен Одбор, Сава пензиско друштво Скопје, Дарко Саздов, Член на Советот на експерти, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, Петар Андреевски, Главен извршен директор, ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје и Дарко Дедиќ, Претседател на Управен одбор, Винер Лајф-Виена Иншуренс Груп. Модератор на овој панел беше Каролина Каровска Божиноска, Македонска берза. Панелистите дискутираа и ги споделија своите видувања за клучните трендови во фондовската и осигурителна индустрија, инвестициските стратегии на домашните институционални инвеститори и нивното влијание врз пазарот на хартии од вредност.

Конференцијата продолжи со презентација од страна на Radu Hanga, Претседател на Надзорниот одбор на Букурешка берза и Претседател на Федерацијата на Евроазиски берзи (FEAS). Во неговата презентација на тема „Патот до успехот – Букурешка берза“, тој детално се осврна на развојот и клучните достигнувања на Букурешката берза низ годините, со акцент на важноста на добивање на статусот „пазар во појавување“ (emerging market).

Втората панел дискусија беше на тема „Регионален поглед: Што се случува и што ќе се случува на пазарите на капитал во ЈИЕ“. Панелисти во рамките на оваа дискусија, кои се врвни експерти од финансискиот сектор со богато искуство и уникатни перспективи за функционирањето и развојот на пазарите на капитал беа: Maja Besevic Vlajo, Извршен директор за развојно и инвестициско банкарство на Podravska banka и Претседател на CFA Society, Хрватска, Nikolay Vassilev, Извршен директор на Expat Asset Management, Бугарија, Josip Glavas, Претседател на Одбор на директори, Erste Asset Management, Хрватска, Rade Rakocevic, Сопственик и извршен директор на Senzal, Србија и Luka Podlogar, Извршен директор, NLB Funds. Модератор на овој панел беше Иван Штериев, Главен извршен директор, Македонска берза. Панелистите дискутираа за актуелните случувања и идните трендови на пазарите на капитал како и за регионалната динамика и меѓусебните влијанија на финансиските пазари од Југоисточна Европа.

Во рамките на агендата преку специјални презентации на тема „Глобален поглед: Трендови на развиените пазари на капитал во наредниот период“, своите видувања за иднината ги споделија Jean-Louis De Hasque, ESG Менаџер, Delen Private Bank, Белгија и Kevin Bates, Специјалист за производи и стратегии, Ned Davis Research Group. 

Првиот конференциски ден заврши со интервјуто на бина „Мажите сојузници го поддржуваат движењето за родова еднаквост“ при што Тања Михајловска Димитриевска, Водечки амбасадор на WOBA и Директор за ревизија на Investment Bank United Kingdom го интервјуираше Robert Baker, заменик-претседател на EWOB и Главен извршен директор на Potentia Talent Consulting. За време на интервјуто се дискутираше за влијанието на машкото сојузништво врз обликувањето на инклузивно управување и вклучување на жените во процесите на одлучување.

Вториот конференциски ден започна со специјална презентација на тема „Европска правна рамка за македонскиот пазар на капитал“. За новините кои ги носи новата правна рамка на домашниот пазар на капитал како и за предизвиците и придобивките од усогласување на националното законодавство со европската рамка за пазарот на капитал, диксутираа Јасна Смилева, Раководител на стручна служба, КХВ, Славица Илиевска, Самостоен инспектор, Сектор за супервизија на пазарот на капитал, КХВ и Анета Трајаноска, Самостоен советник, Сектор за корпоративни финансии, КХВ.

Настанот продолжи со интервјуто на бина со Иван Мишев од адвокатското друштво „Папазоски и Мишев“ и Ewelina Grzelak, директор во Praktyka Polskich Firm Prywatnych и PwC Polska на тема „Семејно наследување и фамилијарните бизниси“. Во дискусијата се дадоа одгвори на прашањата за стратегиите за наследување кај семејните бизниси и пазарот на капитал и успешениот пренос на бизнисот на следните генерации.

На третиот панел на 23 Годишна конференција на Македонска берза на тема „Компаниите и берзата – флерт или вистинска врска?“ своите мислења и ставови ги споделија Душан Пецовски, Генерален Директор, Реплек АД Скопје, Nikola Dujmovic, Претседател на Управен одбор, SPAN Загреб и Божидар Јанковски, Извршен директор, Diners Club Македонија. Модератор на панелот беше Александра Томиќ, Главна уредничка на дигитална реакција, Блумберг Адрија Македонија. Панелистите дикутираа за тоа што всушност значи берзанската котација за компаниите, дали компаниите доволно го користат пазарот на капитал за финансирање на нивните развојни активности и за важноста на транспарентноста и како компаниите градат вистинска доверба во односите со инвеститорите.

Настанот заврши со специјалната презентација од страна на Борче Ристески, Менаџер за клучни корисници, Македонски Телеком на тема „Дигитализација со Телеком услуги“.

Во продолжение презентациите од 23-тата Годишна конференција на Берзата:
•    Македонската и Загребската берза – 5 години после“ - Ivana Gazic, Претседател на Управен одбор, Загребска берза.
•    „Патот до успехот – Букурешка берза“ – Radu Hanga, Претседател на Надзорен одбор на Букурешка берза и Претседател на FEAS
•    „Глобален поглед: Трендови на развиените пазари на капитал во наредниот период“ – Jean-Louis De Hasque, ESG Менаџер, Delen Private Bank, Белгија.
•    „Глобален поглед: Трендови на развиените пазари на капитал во наредниот период“ – Kevin Bates, Специјалист за производи и стратегии, Ned Davis Research Group.
•    „Македонски Телеком: Дигитализација со Телеком услуги“ – Борче Ристески, Менаџер за клучни корисници, Македонски Телеком.

Спонзори на конференцијата беа Реплек, Комерцијална и НЛБ банка, Vienna Insurance Group, Македонски телеком, Триглав Пензиски Фонд и ВФП друштво за управување со фондови. Медиумски покровители годинава беа Bloomberg Adria, Капитал, Пари и Банкарство, додека останати поддржувачи – CEEMT, Diners, Бучен Козјак, Tuf.mk и Дане Хермес.

Линк до галеријата: https://flic.kr/s/aHBqjBJyhL