Во рамките на соработката помеѓу Македонската берза и Стопанската комора на Македонија на 23 јуни 2011 година во просториите на Комората се одржа презентацијана тема “Финансирање на реалната економија – како да се привлече капитал за развој преку берзата?”
Берзите како место каде што се вкрстуваат интересите на издавачите на хартии од вредност, финансиските посредници и инвеститорската јавност овозможуваат пристап до нови извори за флексибилно и поевтино финансирање на компаниите. Со цел запознавање на компаниите со овој начин на финансирање на нивниот развој, претставници од Македонската берза ги презентираа можностите и начините за прибирање на капитал преку издавање на хартии од вредност, а беа претставени и придобивките од котирање на Берзата.
Воедно, пред присутните компаниите претставници на членките на Берзата ги презентираа услугите кои тие, како финансиски посредници, можат да им ги понудат во процесот на издавање на хартии од вредност, а кои ќе им помогнат во постигнувањето на нивната цел – прибирање на капитал за финансирање на развојот на компанијата.
Во наредниот период, Македонската берза, во соработка со Стопанската комора на Македонија, ќе одржи вакви презентации и во регионалните канцеларии на Комората во неколку градови во Македонија.