Известување во врска со Агроплод АД Ресен
среда, 23 ноември 2005
Во врска со написот објавен во дневниот весник „Дневник“ од 22.11.2005 година во кој беше наведено дека „Краш“ Загреб ќе го купи „Агроплод“ АД Ресен, Македонската берза се обрати до Агроплод АД Ресен со барање да даде појаснување во врска со написот. Агроплод АД Ресен го даде следното известување:
„Во врска со написот објавен во дневниот весник „Дневник“ од 22.11.2005 година, Ве известуваме дека делови од изјавата дадена од наша страна за весникот се извадени од контекст и се добива погрешен впечаток за јавноста.
Имено, точно е дека со „Краш“ од Загреб имаме долгогодишна деловно-техничка соработка, која се надеваме ќе продолжи и во наредниот период.
Што се однесува до преземањето на управувачкиот пакет на акциите, ништо не е конкретизирано со ниеден субјект и никаков период не е детерминиран, меѓутоа факт е дека се преговара со неколку заинтересирани правни и физички лица од земјата и странство.
Во весникот е спомнато меѓу другото и за некои високи шпекулативни цени на акциите, но ние цениме дека тоа треба да се остави на пазарот и да се утврди само со тргување на официјалниот пазар на берзата каде што и котираме како акционерско друштво.“