Нов Македонски Берзански Индекс МБИ-10 од 04.01.2005 година
вторник, 23 ноември 2004
Одборот на директори на Македонската Берза на седницата одржана на 22.11.2004 година донесе Одлука за пресметување на индекс на Македонската Берза АД Скопје. Со оваа Одлука од 04.01.2005 година Македонската Берза започнува со пресметување и објавување на нов Македонски Берзански Индекс.
Новиот индекс ќе има полн назив Македонски Берзански Индекс, со ознака МБИ-10. За разлика од сегашниот индекс МБИ кој е ценовен непондериран индекс, МБИ-10 ќе биде ценовен индекс пондериран со пазарната капитализација.
Индексот МБИ-10 ќе се пресметува врз основа на Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс (МБИ-10), а ќе биде составен од обичните акции на најмногу 10 котирани друштва, избрани согласно критериуми наведени во Методологијата.
Почетната вредност на МБИ-10 е 1.000, на крајот на денот на тргување на 30.12.2004 година.
Со почетокот на пресметувањето на Берзанскиот индекс МБИ-10 Македонската Берза ќе престане со пресметување на досегашниот берански индекс МБИ.
Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс (МБИ-10) ќе биде објавена на интернет-страницата на Македонската Берза.