Белградската и Љубљанската берза денеска ја потврдија својата намера за приклучување кон СЕЕ Линк, проект поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто претставува регионална платформа за тргување со хартиите од вредност котирани на Бугарската, Македонската и Загребската берза. Договорот за пристапување на овие берзи беше потпишан за време на одржувањето на Инвестицискиот самит на Западен Балкан, настан на високо ниво организиран од страна на ЕБОР, којшто ги собра на едно место сите премиери од регионот.
Претседателот на ЕБОР, г-дин Сума Чакрабарти (Sir Suma Chakrabarti) во присуство на премиерите на земјите од регионот го промовираше СЕЕ Линк. „СЕЕ Линк е одличен пример за придобивките што ги носи регионалната интеграција. ЕБОР е посветена на овој процес и тоа е причината зошто ние го поддржавме СЕЕ Линк од самиот почеток со know-how и, благодарение на нашите донатори, со техничка помош. Брзото ширење на СЕЕ Линк е доказ за успехот на овој проект. По Белград и Љубљана, во иднина очекуваме и други учесници да се приклучат кон проектот ", рече г-дин Сума Чакрабарти.
„Многу ни е драго што берзите од Белград и Љубљана се приклучуваат кон проектот. Ова сигурно ќе придонесе за зголемување на атрактивноста на платформата, прва во Европа која на иновативен начин ги поврзува пазарите и инвеститорите“, рече Ивана Гажиќ, Претседател на Управата на Загребската берза.
Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонската берза, изјави: "Изминативе години еден од нашите приоритети беше регионалното поврзување на берзите. Благодарение на поддршката на ЕБОР оваа цел сега е постигната и ние веруваме во успехот на оваа платформа.“.
"Првичниот интерес кој го изразија инвеститорите за проектот е многу охрабрувачки и веруваме дека истиот ќе се зголеми", рече Иван Такев, Извршен директор на Бугарската берза.
СЕЕ Линк е проект кој го започнаа Бугарската, Македонската и Загребската берза со цел креирање на регионална инфраструктура за тргување на хартии од вредност котирани на овие три берзи. Во мај 2014 година беше основано заедничко друштво СЕЕ Линк ДОО, со седиште во Скопје, со кое беше и формализирана соработката на овие берзи.
Системот за регионално пренасочување на налозите за тргување е планиран да стане оперативен во март оваа година. Во исто време, ќе биде воведен индексот SEE LinX кој ќе ги опфати најликвидните котирани компании на овие берзи и кој ќе придонесе за зголемување на видливоста на регионалните пазари. Се очекува потенцијално 8 членки на берзата од Бугарија, 10 од Хрватска и 10 членки на Македонската берза од првиот ден на работа да се приклучат на платформата на која вкупно 387 хартии од вредност ќе бидат достапни за тргување.
Регионапното ширење на проектот ќе помогне во интегрирањето на регионалните пазари на капитал, со што би се обезбедил поефикасен пазарен пристап на инвеститорите и локалните брокери, а во исто време ќе овозможи берзите учеснички во проектот да останат независни.