Привремен прекин на тргувањето со акциите издадени од Тетовска банка АД Тетово
среда, 22 февруари 2006
Тетовска банка АД Тетово достави известување до Македонската берза дека поради процесот на спојување на Тетовска банка АД Тетово со Тетекс-Кредитна банка АД Скопје во нова банка, Собранието на акционери на Тетовска банка АД Тетово на својата седница одржана на 26.12.2005 година донесе Одлука со потребното мнозинство на сопствениците и на обични и на приоритетни акции да се изврши претворање на сите приоритетни акции (и кумулативни и партиципативни) во обични акции.
Со цел создавање на услови за спроведувањето на Одлуката, Тетовска банка АД Тетово бара од Македонската берза на 23 и 24.02.2006 година (четврток и петок) да се изврши запирање на тргувањето со сите видови акции издадени од Тетовска банка АД Тетово (обични, приоритетни кумулативни и приоритетни партиципативни).
Имајќи го предвид наведеното барање од Тетовска банка АД Тетово, Македонската берза известува дека на 23 и 24.02.2006 година (четврток и петок) привремено ќе биде запрено тргувањето со акциите издадени од Тетовска банка АД Тетово, со следните шифри на тргување: ТЕБ, ТЕБП и ТЕБПП. Тргувањето со обичните акции издадени од Тетовска банка АД Тетово ќе продолжи на 27.02.2006 година (понеделник).