Годишни награди на Македонска берза за 2022 година
четврток, 22 декември 2022

На 21.12.2022 година се одржа церемонија на доделување на Годишни награди на Македонска берза за 2022 година за котираните компании, членките на Берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност. 

По примерот на некои поразвиени берзи, од минатата година Македонска берза воведе целосно нов концепт и започна со доделување на овие годишни награди во повеќе категории, при што дел од наградените добитници се одредуваат врз основа на квантитативни податоци, како што се берзанскиот промет, цени и број на трансакции. За овие награди пресекот согласно усвоената Методологија за доделување на наградите од страна на Одборот на директори на Берзата се прави вториот петок во декември. За останатиот дел од наградите одлучуваа специјални комисии составени од пазарните учесници, експерти и претставници на медиумите, а за наградата „Акција на годината“ пошироката инвестициска јавност преку анкета на сајтот на Берзата и Интернет порталот Фактор.

Настанот за доделување на годишните награди го отвори Заменик - Министерот за финансии во Владата на РСМ, г-динот Филип Николоски. По неговото обраќање пред присутните се обрати и Главниот извршен директор на Македонска берза, г-дин Иван Штериев.

     

После воведните обраќањa следуваше церемонијата на прогласување на наградените за 2022 година. Годишните награди на Берзата ги доделија г-ѓа Нора Алити, Претседателка на Комисијата за хартии од вредност на РСМ, г-дин Тони Стојановски, Претседател на Одборот на директори на Берзата и проф. д-р Сашо Арсов од Економскиот факултет Скопје.     

Добитници на Годишните награди на Македонска берза за 2022 година се:

1.Категорија „Акција со најголем промет во 2022 година
• Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е Комерцијална банка АД Скопје, a во име на банката наградата ја прими Маја Стевкова Штериева, Главен Финансов директор.

                                                                                         

• Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е ТТК Банка АД Скопје, а Леона Димитровска, Директор на  Дирекција за маркетинг и развој на производи во име на ТТК Банка  ја прими наградата.

                                                                                          

2. Категорија „Акција со најголем пораст на цената во 2022 година
• Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е Македонски Телеком АД Скопје, а Златко Кузмановски,  Виши специјалист за корпоративни финансии, во име на Македонски Телеком ја прими оваа награда.

                                                                                            

• Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е Макстил АД Скопје, а во име на друштвото наградата ја прими Марија Дуковска – Павловска, Генерален директор.

                                                                                            

3.Категорија „Акција со најголем пораст на прометот во 2022 година
• Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е Алкалоид АД Скопје, а Виктор Стојчевски, Директор на Финансии ја прими наградата во име на Алкалоид.

                                                                                          

• Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е Макстил АД Скопје, а Марија Дуковска – Павловска, Генерален директор на Макстил ја прими и оваа награда.

                                                                                          

4.Категоријата „Членка на годината за 2022 година
• Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции од редовно тргување со акции – добитник е Илирика Инвестментс АД Скопје, а Васко Митев, директор на членката да ја прими наградата.

                                                                                          

• Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции со обврзници – добитник е Еурохаус АД Скопје, а Стефан Степаноски, Извршен директор на членката ја прими наградата.

                                                                                         


5. Категорија „Најтранспарентно котирано акционерско друштво за 2022 година“ - по избор на пазарни учесници и по избор на новинари – во двете категории добитник е Алкалоид АД Скопје
Комисијата на пазарните учесници ја сочинуваа г-ѓа Лидија Трајковиќ, како претставник на членките на Берзата, г-дин Лазе Камчев, како претставник на инвестициските фондови и г-дин Коста Иваноски, како претставник на пензиските фондови. Комисијата на новинарите ја сочинуваа Горан Теменугов, новинар во ИРЛ Македонија, Весна Миќиќ Божиновска, главен и одговорен уредник на весникот Вечер и порталот vecer.press и Петре Димитров, главен и одговорен уредник на emagazin.mk.

                                                                                          


6. Во категоријата „Акција на годината за 2022 година по избор на јавноста“ – добитник е Алкалоид АД Скопје. Наградата „Акцијата на годината по избор на јавноста“ се доделува на котирано акционерско друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се вршеше паралелно на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“.

                                                                                           

7.Категорија „Годишна награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност“ - добитник е УНИ Банка АД Скопје. Имено, УНИ Банка со издавање на нови финансиски инструменти на пазарот даде успешен пример, по што и други издавачи од финансискиот сектор издадоа должнички хартии од вредност, со што се збогати понудата на нашиот пазар и се покажа дека пазарното финансирање е реална, а не само теоретска опција. За доделување на оваа награда беше формирана Комисија во следниов состав: г-дин Тони Стојаноски, претставник од Одбор на директори на Македонска берза, г-дин Иван Штериев, претставник од стручната служба на Берзата, г-ѓа Магдалена Симоновска, претставник на регулаторните институции, г-дин Горан Марковски, претставник од пазарните учесници, г-ѓа Јелисавета Георгиева-Јовевска, претставник на корпоративниот сектор, г-дин Сашо Арсов, претставник од високообразовна институција и г-дин Драган Давитков, претставник од редот на експерти во областа на финансии.

                                                                                           

Се  очекува наградите да бидат мотив не само за наградените туку и за сите други пазарни учесници во новата берзанска 2023 година.