Процедури за јавна берзанска аукција на акции и удели
среда, 21 мај 2003
Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата седница, одржана на 20.05.2003 година, донесе Процедури за организирање јавна берзанска аукција на акции и удели, согласно член 1 од Измените во Законот за транформација на претпријатија со општвествен капитал (Сл.Весник на Р.М бр. 31/03).
Предмет на аукцијата ќе бидат акции и удели издадени Агенцијата на Република Македонија за приватизација, како и акции и удели во сопственост на други државни институции, врз основа на Законот за транформација на претпријатија со општвествен капитал и Законот за продажба на државен капитал.(Сл.Весник на Р.М бр. 31/03).
Аукцијата преку електронскиот систем на Берзата ќе се одржува секој работен Петок од 9:30 до 13:30 часот. Во текот на денот ќе се организираат 6 аукции, на кои ќе се нудат најмногу по 10 акции, односно удели, по аукција. Секоја аукција трае по 40 минути и се одвива во две сесии: 20 минути за плаќање во готово и 20 минути за плаќање со хартии од вредност издадени од Република Македонија. Доколку не се изврши трансакција во првата сесија, акциите односно уделите се нудат на продажба во втората сесија, доколку претходно акциите, односно уделите се објавени за ваквиот начин на продажба.
Аукциите ќе се одвиваат во две фази:
-фаза на индикација на интерес, во траење од 5 минути и
-фаза на наддавање, во траење од 15 минути.
Во фазата на индикација на интерес, БЕСТ системот ги прифаќа само куповните цени кои се еднакви или повисоки од понудената продажна цена за определена акција, односно удел. Во фазата на наддавање можат да учествуваат само оние членки на Берзата кои внеле куповни цени во фазата на индикација на интерес. Куповните налози во БЕСТ системот можат само да се зголемуваат.
Трансакцијата се смета склучена со највисока понудена куповна цена, која е прва внесена во БЕСТ системот.
Утврдувањето и порамнувањето на трансакциите со акции и удели на јавната берзанска аукција, се извршува согласно Правилата на Централен Депозитар за хартии од вредност АД Скопје и тоа, за акции, односно удели кои ќе се плаќаат во готово порамнувањето е Т+3, а за акции, односно удели кои ќе се плаќаат со хартии од вредност издадени од Република Македонија порамнувањето е Т+7.
Процедури за организирање јавна берзанска аукција на акции и удели ќе стапат во сила од денот на добивање на согласност од Комисијата за хартии од вредност на Р.Македонија, а тргувањето ќе започне на 13.06.2003 година.