Семинар на тема “Котација на хартии од вредност“
понеделник, 21 април 2003
Македонската Берза на долгорочни хартии од вредност АД Скопје во соработка и со спонзоство на УСАИД Скопје – Проект за јакнење на финансискиот сектор во Македонија, организираше еднодневен семинар на 17 Април 2003 година, во Хотел Холидеј Ин Скопје, Сала Милениум 2 со почеток во 09 часот до 14:30 часот, на тема “Котација на хартии од вредност.
На семинарот беа покриени следните теми:
• Котација на Берза,
• Примена на меѓународните сметководствени стандарди,
• Принципи на корпоративно управување.
Семинарот беше наменет за котираните акционерски друштва. Целта на семинарот беше преку практични презентации, слушателите да се запознаат со искуствата од котација во Република Словенија и Република Македонија.
Во презентациите беа вклучени и практични примери од “Лек” Љубљана и “Алкалоид” Скопје. Предавачи по оваа тема беа: Томаж Клеменц, Директор на секторот за тргување и котација на Љубљанската Берза, Марјан Новак “Лек” Љубљана и Димитар Пејчиновски, Директор на ОЕ Стратешки инвестиции, информатика и општи работи “Алкалоид” АД Скопје.
На семинарот беше реализирана презентација на тема “Меѓународните сметководствени стандарди во споредба со локалната легислатива”. Предавач на оваа тема беше г-дин Александар Аризанов, Senior Manager, PticewaterhouseCoopers, Скопје.
Во рамките на семинарот беше извршена презентација на принципите на корпоративното управување, при што беа презентирани темите: “Однос акционери – Органи на управување” и “Транспарентност и објавување на податоци”. Предавачи беа г-дин Самир Латиф, УСАИД – Проект - Трговско право и корпоративно управување и Милчо Ќупев, Директор на сектор за правни работи и промоција, Македонска Берза АД Скопје.
Звонко Поповски, Директор на секторот за котација, Македонска Берза АД Скопје, изврши презентација на новиот софтверски пакет на Македонската Берза за електронско известување.