Котација на четврта емисија на перпетуални обврзници издадени од УНИ Банка АД Скопје
вторник, 21 октомври 2025

На седницата одржана на 14.10.2024 година, Одборот на директори на Македонска берза донесе Одлука за котација на четвртата емисија на перпетуална обврзница издадена од УНИ Банка АД Скопје, на подсегментот Берзанска котација-Котација на други хартии од вредност.

Перпетуалните обврзници издадени од УНИ Банка АД Скопје се хибриден финансиски инструмент со специфични карактеристики, кој за прв пат се појави на домашниот пазар на хартии од вредност во 2019 година. Специфичните карактеристики на овој финансиски инструмент произлегуваат од тоа што овие хартии од вредност немаат рок на достасување, можноста издавачот да ја откаже исплатата на камата во било кое време, како и од можноста издавачот, целосно или делумно, да ја намали номиналната вредност на обврзниците, доколку настанат определени околности. Оттука, истите се примарно наменети за инвеститори кои имаат доволно знаење и искуство за вложување во вакви финансиски инструменти, односно треба да се има предвид наведеното во иницијалниот проспект за котација на првата емисија од овие хартии од вредност:

„Обврзниците се сложени финансиски инструменти кои не се соодветни за одредена категорија инвеститори. Потенцијалните инвеститори не треба да инвестираат во Обврзниците, освен доколку:
•    располагаат со доволно знаење и искуство со цел издржана проценка на Обврзниците и разбирање на придобивките и ризиците од инвестирање во Обврзниците;
•    имаат пристап и располагаат со знаење за соодветни аналитички алатки, со цел проценка на инвестицијата во Обврзниците;
•    располагаат со доволно финансиски средства и ликвидност со цел справување со ризиците на инвестирањето во Обврзниците, вклучувајќи ја и можноста за тоа дека може да дојде до губење на целокупниот износ на главницата на Обврзниците;
•    темелно ги разбираат условите за издавање на Обврзниците и
•    се запознаени со однесувањето на финансиските пазари.“

Карактеристиките на овој финансиски инструмент се следни:

•    Вид на хартија од вредност:  Некумулативни, неконвертибилни, преносливи, субординирани, необезбедени, перпетуални (трајни) обврзници, со фиксна каматна стапка. Издадениот капитален инструмент ќе се користи како додатен основен капитал на Банката од ниво 1
•    Број на издадени хв: 5.000
•    Номинална вредност на една хв: 1.000 ЕУР
•    Вкупна номинална вредност на емисијата: 5.000.000 ЕУР
•    Начин на издавање: По пат на приватна понуда
•    Достасување: Немаат рок на достасување
•    Каматна стапка: Фиксна годишна камата од 6% 
•    Укинување на камата:
   o    Опционо - Издавачот може по сопствено видување да одлучи да ги укине сите плаќања на камата за неопределен временски период
   o    Задолжително - Доколку Издавачот со плаќањето ги прекршува капиталните барања согласно важечките законски прописи
   o    Укинатите каматни износи, по било кој основ, не се акумулираат
•    Извори на средства од кои ќе се исплаќа каматата: Каматата се плаќа од добивката расположлива за распределба, при што плаќањето може да се изврши и ако добивката не е ревидирана од овластен ревизор
•    Правна положба (субординираност) на хв: Обврзниците се необезбедени и субординирани обврски во однос на сите задолжувања на издавачот како на пр: побарувањата на штедачите, главните доверители, субординиран долг, инструментите издадени како капитал од ниво 2 или гаранција во однос на таквите инструменти. Обврзниците се еднакви помеѓу себе и во однос на другите инструменти на додатен основен капитал од ниво 1 на Издавачот. Обврзниците имаат приоритет во однос на акционерскиот капитал на Издавачот, вклучувајќи ги и приоритетните акции
•    Куповна опција/Откуп: Издавачот може по сопствено видување, да ги откупи хартиите од вредност, по истекот на 5 години од датумот на регистрирање на обврзниците во ЦДХВ или на било кој датум после тоа, по номинална вредност, со претходно одобрение од НБРСМ, освен во случај на замена на инструментот со друг вид на инструмент или капитал со ист или подобар квалитет и со минимум иста вредност. 
•    Намалување на номиналната вредност на обврзниците (апсорпција на загуба): Целосен или делумен отпис во случај на настанување на критичниот настан: намалување на стапката на редовен основен капитал под 5,125%. Повторното зголемување на номиналната вредност на обврзниците е дискреционо право на Издавачот, откако добивката ќе биде потврдена од Собрание на акционери и Издавачот ќе ја извести НБРСМ

Имајќи го предвид наведеното, како и при секое вложување во хартии од вредност, потребно е инвеститорите темелно да се информираат за карактеристиките на финансискиот инструмент преку увид и анализа на проспектот за котација (особено делот во кој се обработени ризиците), како и преку следење на сите известувања кои издавачот во иднина ќе ги објавува преку системот на Берзата за електронско известување од котираните друштва СЕИ-Нет.

Податоци за котацијата, тргувањето и порамнувањето со хартиите од вредност:

•    Шифра на тргување: UNIPO4
•    ISIN: MKBLBA200045
•    Датум на котација (и прв ден на тргување): 22.10.2025 година
•    Режим на тргување: Аукциско тргување, Трета група
•    Начин на изразување на цената: Како процент од номиналната вредност, без акумулирана камата (чиста цена)
•    Минимална корекција на цена: 0,1%
•    Минимална дозволена количина на тргување (лот): 5 (пет) обврзници
Порамнување: Порамнувањето на трансакциите склучени на Берзата ќе го врши Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје, кој ќе пресметува и т.н. акумулирана камата која, согласно Правилата на Депозитарот, купувачот ќе му ја плаќа на продавачот на обврзниците.