Во врска со денешниот прекин на тргувањето со акциите издадени од Макпетрол АД Скопје и известувањето објавено од страна на друштвото преку СЕИ-Нет, Македонска берза АД Скопје информира за следното:
· На 19.09.2011 година во дневниот весник Капитал беше објавен напис дека англиско-холандската компанија Shell „сака да го купи Макпетрол“ и дека во текот на овој месец луѓе од оваа компанија биле во Макпетрол. Имајќи го предвид значењето на ваква вест за инвеститорите во хартии од вредност, уште во текот на истиот ден беше телефонски разговорано со одговорни лица од Макпетрол АД Скопје, при што беше побарано Макпетрол АД Скопје, преку СЕИ-Нет, да објави известување со кое би се изјаснило во врска со објавената вест. Барањето беше со цел заштита на интегритетот на пазарот, инвеститорите и самото котираното друштво, а во согласност со законските надлежности на Берзата и нејзините акти;
· Одговорните лица во Макпетрол АД Скопје во врска со ова најавија објавување на соодветно известување преку СЕИ-Нет пред почетокот на тргувањето на 20.09.2011 година;
· На 20.09.2011 година, по барање на Макпетрол АД Скопје, во 09:00 часот Берзата испрати и допис до друштвото со кој побара да биде објавено известување преку СЕИ-Нет во врска со наведената вест во медимуите. Со оглед на тоа што Макпетрол АД Скопје не објави соодветно известување до почеток на тргувањето на 20.09.2011 година, Берзата согласно своите акти изврши времен прекин на тргувањето со акциите на ова друштво, до објавување на соодветно известување преку СЕИ-Нет. За истото беше известена јавноста, членките на Берзата, Комисијата за хартии од вредност и самото друштво;
· Во текот на тргувањето на 20.09.2011 година Макпетрол АД Скопје објави известување преку СЕИ-Нет во кое се соопштува дека објавената вест во медиумите е дезинформација. Истовремено, друштвото, наместо фактографско изјаснување околу објавената вест во медимуите - што е неопходно за релевантно носење на одлуки од страна на постојните акционери и потенцијални инвеститори во акциите на Макпетрол АД Скопје, се впушти и во полемика околу тоа дали телефонската комуникација има иста правна тежина со формално известување преку СЕИ-Нет, односно како треба да постапува Берзата;
· Имајќи го ова предвид, Македонска берза АД Скопје нагласува дека денешното постапување е во согласност со нејзините законски надлежности и важечки акти одобрени од Комисијата за хартии од вредност, а во функција на заштита на интегритетот на пазарот, инвеститорите и имиџот на котираните друштва. Дополнително, укажуваме дека на овој план на македонскиот пазар на хартии од вредност веќе е воспоставена определена добра практика која котираните друштва треба да ја почитуваат. Воедно, потсетуваме дека Берзата не смее самата да објавува известувања што се однесуваат на ставови на одредено котирано друштво во врска со објавени точни или неточни медиумски вести. Тоа е одговорност на котираните друштва и тоа, пред се, кон инвеститорите во хартии од вредност, а со цел одржување на високи стандарди на транспарентност.