Имајќи ја предвид состојбата со тргувањето со хартии од вредност на Берзата и повторното големо намалување на цените на најголемиот број на хартии од вредност кои беа тргувани на 20.11.2008 година, Одборот на директори на Берзата, во консултација со Комисијата за хартии од вредност, на својата седница одржана на 20.11.2008 година донесе одлука со која моментално дозволените статички дневни ценовни флуктуации при тргувањето со хартии од вредност се намалуваат и во наредниот период ќе изнесуваат +/-5%, наместо досегашните +/-10% во однос на базната цена во режимот на континуирано тргување и од +/-20% во однос на базната цена во режимот на фиксинг.
Во однос на динамичките ценовни ограничувања во рамките на дозволените статички дневни ценовни флуктуации во режимот на континуирано тргување, Одборот на директори донесе одлука истите да се намалат од +/-3% на +/-1,5%.
Овие одлуки на Одборот на директори на Македонска Берза АД Скопје ќе се применуваат од 21.11.2008 година.
Одборот на директори на Берзата континуирано ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.
Соопштение на Берзата во врска со дневни ценовни ограничувања
четврток, 20 ноември 2008