На 30 јуни 2014 година успешно заврши првиот циклус од наградната игра што се организираше во рамките на едукативниот портал на Македонската берза Виртуелна берза. Првиот циклус започна на 15.10.2013 година и во оваа игра на знаење беа вклучени повеќе од 600 учесници кои преку Виртуелната берза стекнаа практично искуство од тргувањето со хартии од вредност.
На секој регистриран учесник му беа доделени 500.000 денари виртуелни пари со кои виртуелно се купуваа акции што котираат на Македонската берза по реални цени постигнати од тргувањето на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра имаше за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголема вредност на своето портфолио.
По завршувањето на првиот циклус на Виртуелната берза најуспешен учесник е Зоран Чивчиев од Струмица кој во текот на повеќемесечното виртуелно тргување успеа иницијално добиените 500.000 денари да ги инвестира во различни акции и играта да ја заврши со највисока вредност на своето портфолио од 13.684.270 денари. На второ место е учесникот Драган Даниловски од Скопје со остварена вредност на портфолио од 12.155.000 денари, додека трет најуспешен учесник е Дарко Пеев од Штип кој постигнал вредност од 8.945.409 денари на портфолиото.
Македонската берза на тројцата најуспешни учесници ќе им додели соодветни награди кои се состојат во годишна претплата на продуктот Бестнет за следење на тргувањето на Македонската берза во живо, посета на една од обуките во рамките на Тренинг центарот на Македонска берза (по избор на добитникот), доделување на Прирачник за тргување со хартии од вредност, како и можност за едномесечна пракса на Берзата доколку добитниците се студенти на додипломски или постдипломски студии.