„Македонскиот пазар на хартии од вредност и анализа на вложувањата и средствата со кои управуваат друштвата за осигурување на пазарот на хартии од вредност„ беше темата на виртуелната работилница, која што се одржа на 1-ви декември како активност што произлегува од склучениот Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за супервизија на осигурување и Македонска берза, а во насока на унапредување и развој на финансискиот пазар.
Воведно обраќање на работилница имаа Претсетдателот на Советот на експерти на АСО, г. Крсте Шајноски и Главниот извршен директор на Македонска берза, г. Иван Штериев, а присутни беа претставници од друштвата за осигурување, вработените во АСО и Македонска берза.
Презентациите подготвени од страна на Берзата дадоа осврт на моменталните состојби на Берзата и споредбени показатели во светски рамки. Беа презентирани интернет продуктите на Берзата како извор на информации за домашниот пазар на хартии од вредност и приказ на продуктите и сервисите за дистрибуција на податоците од тргувањето.
Презентацијата подготвена од страна на АСО даде осврт на анализата на вложувањата и средствата со кои што управуваат друштвата за осигурување на пазарите на капитал и компаративната светска пракса во овој поглед. Беше истакната важноста на друштвата за осигурување како институционални инвеститори и многу важни учесници на финансискиот пазар, особено на пазарот на капитал.
На крај на средбата се заклучи дека постои потреба од поголема соработка и координација помеѓу АСО, Берзата, и друштвата за осигурување, во насока на натамошно унапредување и развој на финансискиот пазар, со посебен акцент на осигурителниот пазар и пазарот на хартии од вредност.