На 19.12.2018 година министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Македонска берза Иван Штериев, потпишаа договор за котација на државните обврзници.
Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина.
Континуираните државни обврзници ќе започнат да се тргуваат на Македонска берза од почетокот на 2019 година.
Во изминатиот период Берзата изврши намалување на надоместокот за тргување со овие обврзници, при што стапката на надомест за тргување сега е на конкурентно ниво со надоместоците за тргување со вакви инструменти во регионот.
Со првиот бран на берзанска котација на континуираните државни обврзници ќе бидат котирани преку 130 емисии со вкупна номинална вредност од околу 900 милиони евра, при што обврзниците се со рочност од 2 до 30 години. Најголем број на обврзниците се со рочност од 10 и 15 години.
Во иднина новоиздадените државни обврзници ќе се котираат во континуитет на Берзата, односно како што ќе се издаваат.