Македонска берза АД Скопје, во име и по барање на акционерите на Берзата, ја информира јавноста за следното:
-
Анализирајќи ги можните правци за развој на Македонската берза и начините за нејзино најоптимално позиционирање во регионот на Југоисточна Европа, дел од акционерите на Берзата, кои поседуваат мнозински пакет на акции, проценија дека понатамошниот развој на Берзата треба да се остварува преку воспоставување на стратешко партнерство со некоја водечка европска или регионална берза врз основа на сопственичко интегрирање. За таа цел, во изминатиот период беа превземени соодветни активности при што од страна на 16 акционери на Берзата, кои поседуваат над 66% од вкупно издадените акции, беше склучен Договор, согласно кој постапката за продажба на мнозински пакет на акции на Берзата на стратешки купувач ќе се спроведува според принципот на затворен тендер. Воедно, беа ангажирани финансиски и правни консултанти за спроведување на целиот процес;
-
По склучувањето на Акционерскиот договор беа превземени стандардните активности за ваков процес, во рамките на кои што на крајот на месец Ноември беше доставена покана до повеќе реномирани европски и регионални берзи, со барање истите да се изјаснат за својот интерес за учество во тендерот најдоцна до 15.12.2008 година. Во тој рок, за учество во тендерот се пријавија неколку берзи чиешто реноме, добри финансиски параметри, напредна технологија за тргување и интензивни активности во насока на креирање на регионален интегриран пазар на капитал соодветствуваат со стратегиските цели на Берзата. Бројот на пријавени берзи кои ќе учествуваат во тендерот ги задоволува потребите за обезбедување на конкурентност во процесот. Предуслов за реализација на овој процес се и соодветните измени во Законот за хартии од вредност што Берзата веќе ги иницираше;
-
Во рамките на следните фази во тендерската постапка, а имајќи ги предвид декларирани определби за транспарентност во работењето, Македонската берза и во иднина соодветно ќе ја информира јавноста за текот на процесот.