Јавна опомена за котираното друштво Гранит АД Скопје
понеделник, 18 јули 2005
Врз основа на точката 9.03 од Правилата за котација на хартии од вредност, Одборот на директори на Македонската Берза АД Скопје, на седницата одржана на 14.07.2005 година, донесе одлука за изрекување на Јавна опомена на котираното акционерско друштво Гранит АД Скопје, која беше објавена во неколку дневни весници.
Акционерското друштво Гранит АД Скопје, котирано на официјалниот пазар на Македонската Берза АД Скопје, чии хартии од вредност се составен дел на берзанскиот индекс МБИ-10, јавно се опоменува поради непочитување и прекршување на Правилата за котација на Македонската Берза АД Скопје.
Јавната опомена се изрекува поради начинот на исплата на дивидендата на Гранит АД Скопје за 2004 година, што не е во согласност со одредбите од Правилникот за котација на хартии од вредност во кој е пропишано дека датумот на пресек на акционерската книга врз основа на кој се исплатува дивидендата треба да биде најмалку 14 дена по денот на одржување на Собранието на акционери на кое е донесена одлуката за делење на дивиденда.
Правилникот за котација на хартии од вредност на Берзата има за цел навремено и целосно информирање на инвестициската јавност за сите ценовно чувствителни информации поврзани со работењето на котираните друштва, неопходни за носење на соодветни одлуки во врска со вложувањата во хартии од вредност.