Редовна ревизија на МБИ-10
понеделник, 18 декември 2006
На 15.12.2006 година, Комисијата за берзански индекс на Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје изврши редовна ревизија на индексот МБИ-10.
Согласно Методологијата за пресметување на Македонскиот Берзански Индекс МБИ-10, обичните акции на друштвата котирани на Официјалниот пазар на Македонската берза беа подредени во ранг-листа според следните критериуми: 1. Пазарна капитализација на денот на ревизија на индексот; 2. Просечен дневен промет во последните шест месеци; 3. Просечен број на трансакции во последните шест месеци; 4. Релативна ликвидност (однос помеѓу прометот и просечната пазарна капитализација во периодот) и 5. Однос на бројот на денови на тргување со одредена акција и вкупниот број на денови на тргување на Официјалниот пазар.
После извршената ревизија, елементи на МБИ-10 се обичните акции на следните 10 котирани друштва: Комерцијална банка АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Гранит АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Топлификација АД Скопје, Макпетрол АД Скопје, Макстил АД Скопје, ЗК Пелагонија АД Битола, Охридска банка АД Охрид и Бетон АД Скопје.
Следната редовна ревизија на МБИ-10 ќе се изврши на 15.06.2007 година.