Прва обука за корпоративни секретари (внатрешни правни советници)
среда, 18 ноември 2015

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Македонската берза АД Скопје и Институтот на директори, поддржани од Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) членка на групацијата на Светска Банка, веќе подолго време соработуваат со цел да ги промовираат добрите практики на корпоративно управување во компаниите и воопшто на пазарот на капитал во Република Македонија. Имајќи ги предвид светските трендови, трите институции одлучија да организираат

Прва Обука за корпоративни секретари во Република Македонија

Улогата на корпоративниот секретар е да се унапреди квалитетот на корпоративното управување во компанијата и да се почитуваат постојните корпоративни правила и политики, притоа грижејќи се за примена на законските процедури од страна на органот на управување и остварување на правата и обврските на одборот на директори, односно надзорниот одбор во согласност со законите, статутот и другите акти на друштвото.

Кодексот за корпоративно управување на Македонска берза како и посебната регулатива на банките и осигурителните друштва ја дефинираат и регулираат позицијата на корпоративен секретар, кој му помага на органите на управување во исполнувањето на секојдневните активности како инструмент за подобрување на работењето на друштвото преку поефикасни проверки и усогласувања на процесите. Како професионалец со единствен збир на знаења и способности, Корпоративниот секретар помага за воспоставување и одржување добра комуникација меѓу различните органи на управување на друштвото во согласност со статутот и интерните акти на друштвото. Корпоративниот секретар е клучен играч во рамките на раководниот тим на било која компанија со соодветни способности, визија и вредности, потребни за да ја водат својата компанија и нејзините клиенти напред. Корпоративниот секретар треба да ја зголеми довербата и кај другите лица кои се засегнати од работењето на компанијата.

Обуката е подготвена и ќе биде реализирана од:

Ивана Гажиќ , MBA-Главен Извршен директор на Загребска берза
Даниела Пеева-Претседател на Асоцијација на директори за односи со јавност-Бугарија
Софија Аргирова-Заменик-претседател на Асоцијација на директори за односи со јавност-Бугарија.
Верица Хаџивасилева Марковска,(член на Управен одбор на Институтот на Директори)
Кристијан Поленак- Адвокатско друштво Поленак
Иван Штериев, Главен Извршен Директор на Македонска берза АД Скопје

Обуката ќе се одржи во периодот 10.12.-17.12.2015 година. Цената за учество на обуката за едно лице е 18.000,00 денари, а компаниите кои ќе пријават два или повеќе учесника ќе имаат -10% попуст за секое лице. Плаќањето за учество на обуката се врши по основ на про-фактура, пред започнување на обуката.

Обуката се спроведува врз основа на меѓународна методологија изработена врз основа на долгогодишното искуство на ИФЦ во оваа област. Учесниците на обуката добиваат бесплатни материјали (дел на самата обука, а дел ќе бидат доставени по електронски пат по завршување на обуката) и сертификат за учество на обуката. Дел од обуката ќе биде спроведена и на англиски јазик.

Пријавувањето е најдоцна до 07.12.2015 год. (понеделник) со реплицирање на овој мејл (karolina@mse.org.mk) или на телефон 02/3244-670 (Комисија за хартии од вредност на РМ) или 02/3122-055 (Македонска берза АД Скопје). При пријавувањето да се наведе името, презимето и e-mail адресите на учесниците, како и името и адресата на правниот субјект кој ќе го врши плаќањето.

Програмата за обуката може да ја преземете на следниов линк ПРОГРАМА

Кратка биографија на предавачите на следниов линк ПРЕДАВАЧИ