Одборот на директори на Берзата, на седницата одржана на 28.01.2022 година, донесе Одлука за измени и дополнувања на Правилата за тргување на Македонска берза, за која е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност со Решение бр. УП1 08-6 од 09.02.2022 година.
Главниот дел на овие измени и дополнувања е во насока на воведување на нова верзија на БЕСТ системот која содржи нови видови на налози за тргување („пазарен во лимитиран налог“ и „стоп налог“), кои ќе им овозможат на клиентите подобро реализирање на нивните инвестициски цели на пазарот. Воедно се вршат и измени во поглед на максималниот рок на важност на налозите за тргување (истиот се скратува од 90 дена на 30 дена) и се врши укинување на налогот по најповолна цена.
Воедно, се вршат измени и дополнувања во Анекс 3 на Правилата за тргување, во делот кој се однесува на постапката при продажба на сопствени акции по пат на јавна понуда во поглед на допрецизирање на определувањето на моделот за продажба, начинот на определување на продажната цена, како и прецизирање на постапката при јавна понуда при нова емисија и при продажба на сопствени акции за која не е потребна претходна согласност од КХВ. Исто така, измени и дополнувања се вршат на Анекс 2 и Анекс 4 од Правилата, во насока на предвидување на посебни услови за стекнување на акции од страна на купувачите во јавна берзанска аукција на акции во сопственост на државата и јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети.
Покрај наведеното, се вршат и неколку измени и дополнувања од техничка природа.