Соопштение во врска со последните изјави во јавноста околу тргувањето со ХВ на Берзата
понеделник, 17 декември 2007
Во врска со неодамнешните изјави во јавноста на претставници на политичкиот живот во Република Македонија околу тргувањето со хартии од вредност на Берзата и контекстот во кој што се става функционирањето на Берзата, ја информираме јавноста дека Македонската берза АД Скопје не коментира настани кои излегуваат од предметот и карактерот на нејзината основна дејност и овластувања.
Нагласуваме дека берзата единствено претставува место на кое се спојуваат понудата и побарувачката на хартии од вредност и се реализираат купопродажните трансакции. На Берзата не и е познат идентитетот на крајните купувачи и продавачи на хартиите од вредност во редовното тргување. Податоците со кои располага Берзата за самото тргување со хартии од вредност и податоците за работењето на котираните компании, согласно законските прописи, без одлагање и најтранспарентно се дистрибуираат во јавноста.
Сакаме уште еднаш да потсетиме дека состојбите на берзите секогаш и во сите економии ја одразуваат кондицијата и перспективата на компаниите, но претставуваат и определена слика за перцепцијата на вкупните општествени случувања од страна на инвестициската јавност.