Одборот на директори на Македонска берза на седницата одржана на 16.03.2020 година ги анализираше последните пазарни движења и, согласно член 55 став 9 од Правилата за тргување, донесе одлука за промена на ценовните ограничувања при тргувањето (статички и динамички лимити) и тоа:
- За хартиите од вредност кои се во режим на континуирано тргување статичките лимити изнесуваат +/-5% од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност;
- За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и имаат статички лимити, истите изнесуваат +/-10% од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност;
- За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и немаат статички лимити, истите продолжуваат да се тргуваат без статички лимити, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност.
Овие одлуки на Одборот на директори на Македонска берза ќе се применуваат од 17.03.2020 година.
Одборот на директори и во наредниот период ќе ги следи пазарните состојби на дневно ниво и ќе презема соодветни мерки во рамките на неговите овластувања, за кои јавноста ќе биде навремено известувана.