Известување од Одборот на директори на Македонската Берза (16.02.2004)
понеделник, 16 февруари 2004
Одборот на директори на Македонската Берза, на седницата одржана на 16.02.2004 година, расправајќи за Договорот меѓу акционерите за уредување на меѓусебните односи за обезбедување на мнозински управувачки пакет акции во друштвото и за заштита на управувачката структура на друштвото, склучен помеѓу акционери во Макпетрол АД Скопје, оцени дека со Договорот се нарушува примената на член 94 од Законот за хартии од вредност, точка 2.09. од Правилникот за котација на хартии од вредност и се попречува слободното формирање на пазарната цена на акциите на Макпетрол АД Скопје.
Заради усогласување со Правилникот за котација на хартии од вредност, Одборот на директори на Македонската Берза му предлага на Управниот Одбор на Макпетрол АД Скопје да им препорача на акционерите-потписници на Договорот во рок од 15 дена да извршат усогласување на Договорот со постојниот Статут на друштвото, во смисол на: член 19 од Статутот на друштвото (со кој се утврдува слободната трансферибилност на обичните акции), член 38 (со кој акционерите на друштвото под еднакви услови имаат еднаква положба во друштвото) и член 44, став 3 (со кој се регулираат прашањата за кои одлучува Собранието на друштвото-промена на правата врзани за одделни видови и родови акции).