Македонска берза стана дел од најновата иницијатива на Европската банка за обнова и развој (EBRD) и седум берзи од регионот на Централна и Југоисточна Европа, преку прифаќање на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање минатиот месец, помеѓу EBRD и берзите од Братислава, Будимпешта, Букурешт, Љубљана, Варшава, Загреб и од Софија. Со приклучувањето на Меморандумот Македонска берза станува осма членка во оваа иницијатива и е единствена берза од држава што не е ЕУ членка.
Меморандумот за разбирање има за цел да ја поттикне регионалната берзанска соработка во идентификувањето и спроведувањето на суштински проекти во функција на развој на регионалните пазари на капитал и подобрување на економиите во целина, при што секоја берза ќе делува како рамноправен партнер. Клучните области на коишто ќе се фокусира соработката вклучуваат проширување на примарните пазари, подобрување на институционалната рамка за долгорочно штедење на домаќинствата, охрабрување на учеството на индивидуалните инвеститори, промовирање на развојот на нови технологии, зголемување на ефикасноста на регионалната инфраструктура на пазарот на капитал и споделување на најдобрите практики.
Функционалните пазари на капитал се клучни за реалната економија, особено за малите и за средните претпријатија, обезбедувајќи средства за брзорастечките и иновативни компании и овозможувајќи им на домаќинствата да бидат дел во економскиот успех на корпоративниот сектор. Берзите во поширокиот регион имаат витална улога во развојот на локалниот екосистем на пазарите на капитал.
Македонска берза има долгогодишна определба за иницирање и вклучување во разни форми на берзански соработки и интеграции. Поканата да биде дел од оваа најнова иницијатива на EBRD и нејзиното вклучување во истата е дополнителен чекор во остварување на оваа стратешка цел.