Во врска со текстот на интернет порталот „Фактор“, во којшто се прави обид да се “анализира” постапувањето на Македонска берза во врска со ценовните движења на акциите на одредени котирани друштва во изминатиот период, сметаме за потребно да ја информираме јавноста за следното:
- Берзата секогаш максимално настојувала и ќе настојува на инвеститорите да им обезбеди ажурирани информации од котираните друштва во услови на понагласена пазарна нерамнотежа и динамика. Тоа, спротивно на тврдењето на овој портал, претставува модерно и прудентно работење на пазарниот оператор, согласно меѓународната берзанска пракса и европските регулативи. Со оглед на тоа што за „Фактор“ декларативно фактите се свети, во врска со неговите „слободни“ коментари околу последната објава на Гранит АД Скопје, го упатуваме да ја посети веб страницата на берзата во Загреб, која е една од водечките берзи во поширокиот регион, каде може да се најдат повеќе слични соопштенија на тамошни компании согласно барање на берзата, со многу поголема фреквенција отколку кај нас ( doc1; doc2; doc3; ). Се надеваме дека преку овие компаративни регионални искуства станува уште појасно дека обелоденувањето од страна на котираните друштва дека во даден момент нема необјавени ценовно чувствителни информации е многу битно за инвеститорите;
- Интернет порталот „Фактор“ очигледно не знае или не сака да знае дека основниот принцип на којшто се темели работењето на Македонска берза и нејзина законска обврска е грижата за одржување на фер, ефикасен и транспарентен пазар на хартии од вредност и дека токму транспарентноста на издавачите е предуслов за заштита и еднаква положба на инвеститорите и најдобра одбрана против ширењето лажни вести. Истовремено, овој портал како да заборава на законските одредби за неовластено инвестициско советување и забрана за ширење на неточни информации или информации кои доведуваат до заблуда и влијаат на обемот и цените на берзанските трансакции;
- Не за прв пат, „Фактор“, наспроти добрите новинарски стандарди, пред да ја објави својата последна „анализа“ воопшто не ја контактираше Берзата за да ги слушне и пренесе нејзините аргументи околу оваа проблематика. Имајќи ја предвид улогата и одговорноста на медиумите во креирањето на јавното мислење за функционирање на пазарот уште еднаш нагласуваме дека сме секогаш отворени за соработка со сите медиуми, вклучително и овој портал;