Редовна ревизија на МБИ10 и нов Индекс на јавно поседувани друштва МБИД
петок, 15 јуни 2007
На 15.06.2007 година Комисијата за берзански индекс изврши редовна ревизија на индексот МБИ10, за прв пат со изменета Методологија за пресметување, во која беше воведено ограничување дека уделот на ниту една акција во состав на индексот не смее да надминува 25%. Согласно Методологијата, Комисијата за берзански индекс констатираше дека од понеделник, 18.06.2007 година, елементи на индексот МБИ10 ќе бидат обичните акции издадени од: Комерцијална банка АД Скопје, Гранит АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Макстил АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Макпетрол АД Скопје, Топлификација АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Бетон АД Скопје и Тетекс АД Тетово. Следната редовна ревизија на МБИ10 е на 15.12.2007 година.
Од 18.06.2007 година (понеделник), Македонската берза ќе започне со пресметување и објавување на новиот Индекс на јавно поседувани друштва - МБИД со базна вредност од 10.000 индексни поени на 15.06.2007 година. Имајќи ја предвид хетерогеноста на компаниите чии акции се тргуваат на Пазарот на јавно поседувани друштва на Македонската берза, како од аспект на големината на капиталот, така и од аспект на ликвидноста, согласно Методологијата за негово пресметување, МБИД е ценовен, непондериран индекс чии составни елементи се избираат од страна на Комисијата за берзански индекс, имајќи ги предвид следните критериуми: број на денови на тргување и остварен промет во периодот помеѓу две ревизии на индексот.
Анализите за изминатиот период покажуваат дека акциите на друштвата кои се тргуваат на Пазарот на јавно поседувани друштва се сe’ поинтересни за инвеститорите, особено имајќи ја предвид обврската на овие друштва за известување за ценовно чувствителни информации кон Комисијата за хартии од вредност, согласно Законот за хартии од вредност. Така, податоците покажуваат дека во текот на 2007 година тргувањето на Официјалниот Пазар учествува со над 73% во вкупниот промет, тргувањето на Пазарот на јавно поседувани друштва учествува со значајни 21%, додека Слободниот пазар учествува со околу 5%. Оттаму, имајќи предвид дека МБИ-10 е индекс кој релевантно го прикажува движењето на цените на 10-те најрепрезентативни котирани акции на Официјалниот пазар, се наметна потреба од воведување на индекс кој ќе го прикажува движењето на цените на акциите на Пазарот на јавно поседувани друштва.
Согласно Методологијата за пресметување на индекс на јавно поседувани друштва - МБИД, Комисијата за берзански индекс определи дека елементи на МБИД ќе бидат обичните акции издадени од следните акционерски друштва: Миттал Стеел Скопје (ХРМ) АД Скопје, Кјуби Македонија АД Скопје, ОКТА АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Прилепска пиварница АД Прилеп, Миттал Стеел Скопје (ЦРМ) АД Скопје, Македонски телекомуникации АД Скопје, ИЦН-Фарм АД Скопје, Бетон АД Штип, Металец АД Прилеп, Македонска банка АД Скопје, Аутомакедонија АД Скопје, УНИ Банка АД Скопје, Млаз АД Богданци, и Тутунска Банка АД Скопје. Петнаесетте избрани акции-елементи на МБИД сочинуваат околу 87% од вкупниот промет на Пазарот на јавно поседувани друштва во изминатиот квартал.
Следната редовна ревизија на МБИД е на 15.09.2007 година.