Заклучок на Одборот на директори на Македонската Берза во врска со Анекс-Договорот помеѓу акционерите на Макпетрол АД Скопје
вторник, 15 јуни 2004
Одборот на директори на Македонската Берза АД Скопје, на седницата одржана на 14.06.2004 година, расправаше во врска со Анекс-Договорот меѓу акционерите за уредување на меѓусебните односи за обезбедување на мнозински управувачки пакет акции во друштвото и за заштита на управувачката структура на Макпетрол АД Скопје.
Согласно известувањето добиено од Макпетрол АД Скопје, Договорот и Анекс-Договорот за измени и дополнувања на Договот меѓу акционерите за уредување на меѓусебните односи го имаат потпишано и кон него пристапено 1.153 акционери, сопственици на обични акции, кои во однос на вкупниот акционерски капитал на Друштвото учествуваат со 62,33%, а во однос на вкупниот број на обични акции на Друштвото учествуваат со 65,78%.
Одборот на директори на Македонската Берза АД Скопје заклучи дека забелешките и сугестиите на Одборот на директори на Македонската Берза во врска со Договорот се прифатени во целост од страна на акционерите на Макпетрол АД Скопје и дека Договорот е усогласен со Статутот на Макпетрол АД Скопје, Правилникот за котација на Македонската Берза АД Скопје и Законот за хартии од вредност.