Согласно Одлуката на Одборот на директори на Македонска берза за измени и дополнувања на Тарифникот за висината на надоместоците на Македонска берза АД Скопје бр.02-1151/1 од 31.08.2018 година и Решението на КХВ бр. УП1 08-52, од 17.09.2018 година ќе започнат со примена измените и дополнувањата на Тарифникот за висината на надоместоците кои ги наплаќа Берзата.
Измените се однесуваат на следното:
- Котација на континуирани државни обврзници – се укинува моменталниот еднократен и годишен надоместок за котација и се утврдува оваа постапка да биде на договорна основа, со што се овозможува флексибилност во насока на поедноставна котација на континуираните државни обврзници на Берзата, што би значело нов квалитет на македонскиот пазар на хартии од вредност и би бил од корист за сите учесници на пазарот;
- Надоместоци за тргување со обврзници - каде што со измените надоместокот за тргување со сите видови обврзници, освен обврзниците за денационализација, се намалува од 0,075% на 0,025% од вредноста на трансакцијата;
- Со оглед на неодамнешното воведување на посебен пазарен подсегмент на Официјалниот пазар на Берзата „Котација на други хартии од вредност“ со последните измени на Правилата за котација, се воведува нова тарифна ставка „Надоместоци за тргување со други долгорочни хартии од вредност“ во износ од 0,025% од вредноста на трансакцијата.
Пречистениот текст на Тарифникот за висината на надоместоците на Македонска берза АД Скопје може да го најдете на интернет страната на Македонска берза, во делот Регулатива/Акти на Берзата/Тарифник.