По повод 20 години од Основачкото Собрание на акционери на Македонската берза АД Скопје одржано на 13.09.1995 година, на 14.09.2015 година во просториите на Берзата се одбележа овој јубилеј со одржување на специјална презентација за берзанското работење во изминатиот период и следење на тргувањето во БЕСТ системот во реално време од страна на 20-те најдобри студенти од насоката финансиски менаџмент на Економскиот факултет од Скопје при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ родени 1995 година, врсници на Берзата. Воедно, на студентите им беа подарени едукациски материјали од областа на пазарот на хартии од вредност и бесплатен пристап до соодветни софтверски продукти на Берзата.
Од првиот ден на тргување до денес, односно во периодот 28.03.1996 година - 31.08.2015 година, на Берзата е остварен вкупен промет по сите основи од над 3,3 милијарди евра (апроксимативно 90% акции, 10% обврзници) и се склучени 468.258 трансакции со над 600 хартии од вредност. Овие резултати се остварени преку активностите на вкупно 32 финансиски посредници (банки и брокерки куќи коишто во определен временски период биле активни членки на Берзата) на вкупно 3.834 денови на тргување, односно трговски сесии. Најголем промет е остварен во 2007 година во износ од околу 680 милиони евра. Берзанскиот индекс МБИ 10 е воведен во 2005 година, со базна вредност од 1.000 поени со состојба 31.12.2004 година.
На настанот беше истакнато дека дека Македонска берза АД Скопје, како и другите берзи во Југоисточна Европа, е производ на реформите и трансформација на стопанствата во пазарни економии. Според Главниот Извршен директор на Берзата, г-дин Иван Штериев, “Берзата најпрвин служеше како инфраструктура за приватизацијата, потоа беше место за концентрацијата на иницијално креираните сопственички структури, за во наредната развојна фаза, што коинцидираше со светската и регионална економска експанзија и вишок на ликвидност, да доживее бум. Следуваше остра негативна корекција како последица на финансиската криза и влегување во зона на повеќегодишен мечкин пазар и ниски промети.Сега веќе неколку години наназад сме во нова реалност, при што осознаваме што е пазар на хартии од вредност во мала отворена економија како нашата, со ова ниво на БДП и животен стандард, со овие перформанси и организациско-сопственичка структура на трговските друштва и во овој општествено-политички амбиент.“
Продеканот на Економскиот факултет од Скопје, проф. д-р Предраг Трпескија поздрави иницијативата за одбележување на овој јубилеј од основањето на Берзата и истакна дека историски гледано е од особено значење формирањето на оваа институција во 1995 година во рамките на процесот на заокружување на институционалната рамка за функционирање на пазарната економија во Република Македонија.
Големата прослава по повод дваесетгодишното работење Македонска берза АД Скопје ќе ја организира наредната година, со оглед на тоа што на крајот на месец март 2016 година ќе се одбележи точно 20 години од ударот на првото берзанско ѕвоно во историјата на Република Македонија.