Четврта година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“, на којшто сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.
На денешниот „Инвеститорски ден“ на Берзата се склучија вкупно 207 трансакции што претставува најголем број склучени трансакции во еден ден на тргување во 2023 година. Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво оваа година изнесува 139 трансакции, додека просечниот дневен број на трансакции е 47.
Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции денес надмина 595 илјади евра, односно изнесува околу 37 милиони денари, што е за 2,3 пати повеќе во споредба со просечниот дневен промет во БЕСТ оваа година. Дополнително, денес во БЕСТ системот членките на Берзата внесоа вкупно 336 налози за тргување, што исто така претставува најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во 2023 година.
Иницијативата „Инвеститорски ден“ и оваа година ја прифатија и во неа активно се вклучија сите десет членки на Берзата (Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Скопје) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
ИНВЕСТИРАЈТЕ ВО МАКЕДОНСКИ АКЦИИ!