Согласно измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност од 23.01.2013 година (Сл. Весник на РМ бр. 13/2013) се воведе обврска за задолжителна котација на хартиите од вредност на издавачите кои не котираат на Берза, а кои ги исполнуваат посебните услови за котација од Правилата за котација на Берзата.
Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје на 25.02.2013 година донесе нови Правила за котација, за коишто на 11.03.2013 година е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и истите стапуваат во сила на 15.03.2013 година.
Со новите Правила за котација се воведува нов пазарен подсегмент на Официјалниот пазар на Берзата - “Задолжителна котација”, на кој согласно споменатите законски измени треба да котираат хартиите од вредност што во моментот не котираат на Официјалниот пазар на Берзата и чии издавачи ги исполнуваат следните критериуми со состојба 31.12.2012 година:
- номинален капитал во износ од најмалку 1.000.000 евра;
- најмалку 50 акционери;
- најмалку 1% распространетост на акциите во јавноста; и
- ревидирани финансиски извештаи за последните две години.
Издавачите чии хартии од вредност ги исполнуваат горенаведените посебни услови за задолжителна котација се должни најдоцна до 30.04.2013 година да поднесат Барање за котација на Берзата, заедно со соодветна документација пропишана со Правилата за котација. Барањето и документацијата за котација се поднесува преку покровител за котација - членка на Берзата. Берзата го разгледува барањето за котација и поднесената документација и донесува одлука за котација во рок од 60 дена од денот на приемот, односно комплетирањето на барањето.
Издавачите чии хартии од вредност во наредниот период ќе котираат на подсегментот “Задолжителна котација” ќе имаат континуирана обврска за објавување на нивните квартални биланси на успех, полугодишно објавување на сите финансиски извештаи, јавен повик за одржување на собрание на акционери, одлуки од собрание на акционери, годишен извештај за работењето, како и обелоденување на сите останати ценовно чувствителни информации, утврдени во Правилата за котација, значајни за донесувањето одлуки од страна на инвеститорите.
Издавачите чии хартии од вредност во наредниот период ќе котираат на подсегментот “Задолжителна котација” ќе имаат континуирана обврска за објавување на нивните квартални биланси на успех, полугодишно објавување на сите финансиски извештаи, јавен повик за одржување на собрание на акционери, одлуки од собрание на акционери, годишен извештај за работењето, како и обелоденување на сите останати ценовно чувствителни информации, утврдени во Правилата за котација, значајни за донесувањето одлуки од страна на инвеститорите.
Воедно, покрај воведувањето на пазарниот подсегмент „Задолжителна котација“ со новите Правилата за котација на Берзата се менуваат и критериумите за котација на постојниот подсегмент „Берзанска котација“ (условот капитал од 500.000 евра се зголемува на 5 милиони евра, а процентот на распространетост на акциите во јавноста се намалува од 15% на 10%), а се воведува и уште еден нов пазарен подсегмент - „Котација на мали акционерски друштва“. Котацијата на овој пазарен подсегмент е на доброволна основа согласно деловната политика на друштвата. Новиот пазар на мали акционерски друштва на Берзата е наменет за новоформирани акционерски друштва или за помали друштва чии развојни планови предвидуваат финансирање преку пазарот на капитал. Котацијата на овој пазарен подсегмент на овие друштва ќе им овозможи соодветно претставување пред инвеститорската јавност и стекнување имиџ на котирана компанија. Услови за котација на овој подсегмент се ревидирани финансиски извештаи за последната година и најмалку 250.000 евра капитал, без критериуми за минимален број на акционери и распространетост на акциите во јавноста.
Повеќе детали за постапката за задолжителната котација може да се добијат на следниот линк: http://www.mse.mk/mk/content/13/3/2013/mandatory-listing