Соопштение од Макпетрол АД Скопје
петок, 13 февруари 2004
На 12.02.2004 година од страна на Макпетрол АД Скопје до Македонската Берза е доставено соопштение за ценовно осетливи информации, со следната содржина:
“На 11 февруари 2004 година од страна на Комисијата за следење, посредување и спроведување на Договорот до Органите на управување на Макпетрол АД Скопје беше официјално доставен во интегрална форма и презентиран Договор, по што Ве известуваме за следново:
• Во деновите 7 и 8 февруари 2004 година се потпиша и стапи во сила “Договор меѓу акционери за уредување на меѓусебните односи за обезбедување на мнозински уравувачки пакет акции во Друштвото и за заштита на управувачката структура на Друштвото“;
• Договорот е склучен исклучиво меѓу акционерите на Макпетрол АД Скопје врз доброволна основа, а не меѓу “менаџерскиот тим“ и останатите акционери;
• Со овој Договор ќе се обезбеди заеднички настап и еднаков, односно рамноправен статус на акционерите потписници на Договорот, во случај на продажба на мнозински пакет акции по пат на јавна понуда за преземање на Друштвото, при што евентуалниот понудувач би требало да ги исполни следниве, главни критериуми:
o Да понуди цена не пониска од 1.500 евра по акција;
o Да обезбеди инвестиции од сопствени извори за развој на Друштвото, потоа програма за работа и да обезбеди соодветни гаранции за истото;
o Да обезбеди задржување на постојните работни места на сите вработени во Друштвото и забрана за прогласување на економски, структурален и технолошки вишок;
o Да обезбеди задржување на постојната организациона поставеност и нејзино надополнување;
o Да овозможи приоритетно вработување на деца, или член на потесно семејство на акционерите и вработените во Друштвото, во случај на појавена потреба од вработување;
o Да гарантира плата и право на надоместоци на плата согласно важечките Колективни договори;
o Да гарантира социјален план во случај вработениот да замине од работа по сопствено барање.
• Со потпишување на Договорот акционерите ги задржуваат сите акционерски права, а особено правото на глас и дивиденда. Со договорот не се отстапуваат акциите ниту се даваат полномошна за застапување од акционерите на “менаџерскиот тим“, или на кое и да е друго лице. Со потпишување на Договорот акционерите потписници преземаат обврска акциите приоритетно, кога имаат намера да ги продаваат, да ги понудат на другите акционери потписници на Договорот, а ако ниеден од акционерите потписници на овој Договор не ги откупи во рок од 30 дена, акционерите понудувачи се ослободуваат од оваа обврска;
• Со потпишување на овој Договор е формирана Комисија за следење, посредување и спроведување на Договорот, чии што членови се воедно и потписници на истиот;
• Со склучување на Договорот, пропорцијата на котирани обични акции во сопственост на јавноста не паѓа под 30%;
• Со потпишување на Договорот нема промени во сопственоста во смисла на член 11 од Договорот за котација на Макпетрол АД Скопје на Македонската Берза на долгорочни хартии од вредност.“