Известување од Одборот на директори на Македонската Берза
петок, 13 февруари 2004
Одборот на директори на Македонската Берза на седницата одржана на 13.02.2004 година расправаше за објавената ценовно осетлива информација на котираното друштво Макпетрол АД Скопје, а сврзана со потпишаниот договор помеѓу 1.060 акционери на Макпетрол АД Скопје за уредување на меѓусебните односи за обезбедување на мнозински управувачки пакет на акции во друштвото и заштита на управувачката структура, со кој се ограничува трансферибилноста на 64,1% од управувачките акции на друштвото.
Одборот оцени дека ваквите појави можат да имаат негативно влијание врз развојот на пазарот на капитал во Република Македонија, да влијаат на одвраќање на странските инвеститори и намалување на интересот на домашните инвеститори да инвестираат на пазарот на капитал во Република Македонија.
Заради координирани активности со другите надлежни институции, расправата ќе продолжи во понеделник, кога Одборот на директори ќе ги разгледа и другите прашања сврзани со спроведување на Правилникот за котација на хартии од вредност.