Нови Правила за тргување и нова софтверска верзија на системот за тргување на Македонска берза АД Скопје
среда, 10 март 2010
Ја известуваме јавноста дека од 15.03.2010 година ќе започнат со примена новите Правила за тргување на Македонската берза АД Скопје за кои е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност и новата софтверска верзија на системот за тргување со имплементиран FIX PROTOCOL.
 
Во рамките на определбите на Македонската берза за одржување на ефикасен секундарен пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а поттикната од потребата за воведување на нови технологии во своето работење, Берзата во текот на 2009 година пристапи кон менување и подобрување на системот за тргување преку воведување на нова софтверска верзија, која содржи повеќе технолошки и функционални новини, што воедно подразбираше и потреба за менување на Правилата за тргување на Берзата.
 
Особено важно е што новата софтверска верзија на системот за тргување на Берзата содржи имплементиран FIX PROTOCOL, којшто претставува стандардизиран протокол за размена на пакети на информации кој се користи во се’ поголем број на финансиски институции и овозможува полесно поврзување со други финансиски информациони системи.
 
Една од главните придобивки од имплементацијата на FIX PROTOCOL е што се отвараат нови канали за прием на налози од страна на инвеститорите, односно се заокружува приемот на електронски налози од страна на членките и нивното проследување до системот за тргување на Берзата.
 
Главните промени во новите Правилата за тргување кои се последица од воведувањето на новиот трговски софтвер, а кои значат новина во однос на начинот на работа на сегашниот систем се следниве:
 
1.      Новини во критериумите и динамиката на утрдување на режимот на тргување во кој ќе се тргуваат одредени хартии од вредност. Согласно овие новини менувањето на режимот на тргување од континуирано во аукциско тргување и обратно ќе се врши на периодична основа, а не дневно како што беше досегашната пракса, при што ќе се земаат предвид специфичните критериуми од аспект на фреквентност на тргувањето.
 
Со новиот концепт се напушта принципот на „минимална прифатлива количина” (МПК) при утврдување на режимот на тргување. Исто така,  исполнувањето на минималната прифатлива количина (МПК) веќе не е услов за формирање на нова базна цена. Согласно одредбите од новите Правила за тргување, базна цена од која се пресметуваат ценовните ограничувања на почетокот на денот на тргување за секоја хартија од вредност е дневната официјална просечна цена на последниот ден кога имало тргување со таа хартија од вредност.
 
2.      Новина кај блок трансакциите е што освен досегашните администраторски блок трансакции ќе се воведе можност за внесување на системски блок-налози со кои ќе се склучуваат системски блок трансакции.
 
Овие нови видови на налози овозможуваат склучување на блок трансакции во рамките на БЕСТ системот, односно им овозможуваат на инвеститорите кои сакаат да купат или продадат поголема количина од одредена хартија од вредност активно да ја истакнат оваа своја намера во БЕСТ системот.
 
3.      Нов метод на пресметка на последна цена според кој последната цена нема да претставува цена од последната трансакција во рамките на трговскиот ден, туку ќе претставува просечна пондерирана цена од реализираните трансакции во последните 30 минути пред затворање на пазарот. На овој начин формирана последната цена е пореална, што ќе биде од особена важност за институционалните инвеститори кои ја користат последната цена за вреднување на своите портфолиа. Исто така, со ваквиот начин на формирање на последната цена се намалува можноста за формирање на таргетирана последна цена во последните минути од тргувањето.
 
4.      Новини во однос на налозите за тргување кои што се во правец на подобрување на начинот на реализација на налозите од клиентите, при што се редефинира начинот на користење на одредени налози, се воведуваат нови налози кои се соодветни за големите инвеститори и фондовите кои тргуваат со налози што гласат на поголеми количини и се укинуваат некои налози кои во изминатиот период не беа применувани.
 
5.      Согласно новините во однос на тргувањето режимот на фиксинг ќе се нарекува режим на аукциско тргување и за него ќе се применува ново времетраење и распоред на тргувањето. Воедно, во режимот на аукциско тргување по завршување на фазата во која се внесуваат налозите за тргување и по отварањето на пазарот во кое доаѓа до склучување на евентуални трансакции по одредена аукциска цена, се воведува фаза на дополнително тргување, со што се дава можност за дополнително склучување на трансакции по веќе постигната аукциска цена по завршувањето на аукцијата.
 
 
Исто така, ја информираме јавноста дека заради интегрираниот FIX PROTOCOL кај одредени веб сервиси на Македонската берза (официјалната веб страница на Берзата, продуктот Бестнет и други) од 15.03.2010 година ќе дојде до промена на начинот на кој ќе бидат прикажани некои од податоците содржани во тие веб сервиси.
 
 
МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД СКОПЈЕ