На 09.12.2008 година во хотелот “Холидеј Ин“ беше одржана тркалезна маса на која беа презентирани резултатите од пилот истражувањето на веб страниците на водечките акционерски друштва котирани на Македонската берза. Истражувањето е проект на Македонската берза во соработка со Програмата Партнери за финансиска стабилност (Partners for Financial Stability Program), а неговата реализација ја поддржаа Проектот за деловно опкружување во Македонија на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Проектот за корпоративно управување на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).
Целта на истражувањето е да се утврди дали компаниите преку своите веб страници обезбедуваат податоци и информации од сферата на “Односи со инвеститори“, а во вториот дел од истражувањето се анализираат содржините на веб страниците од аспект на корпоративната општествена одговорност, односно дали компаниите објавуваат податоци од сферата на корпоративното управување, политиката за заштита на околината и социјалната политика.
Директорот на Македонската берза, г-нот Иван Штериев, во своето обраќање истакна дека е потребно сите институции на пазарот на капитал да се свртат кон иднината и да работат на подобрување на климата на корпоративното управување и транспарентност во работењето, со цел промоција на компаниите пред инвеститорите.
Директорот на Програмата Партнери за финансиска стабилност, г-нот Џефри Мазуло, ги презентираше споредбените резултати добиени од истражувањето на домашните компании и водечките компании во Бугарија, Хрватска и Романија. Тој истакна дека резултатите од истражувањето се позитивни, но секако има простор за понатамошни подобрувања.
Презентацијата на резултатите од пилот истражувањето на веб страниците на котираните друштва на Македонската берза можете да ја преземете тука.
Презентацијата на г-нот Џефри Мазуло можете да ја преземете тука.