Одлука за престанок на временото прекинување на тргувањето со обичните и приоритетните акции на Комерцијална банка АД Скопје
петок, 10 ноември 2006
Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата итна седница одржана на 10.11.2006 година донесе Одлука за престанок на временото прекинување на тргувањето со обичните и приоритетните акции издадени од издавачот Комерцијална банка АД Скопје.
Имено, на 09.11.2006 година Одборот на директори на Берзата, согласно Процедурите за тргување на Берзата, донесе одлука за времено прекинување на тргувањето со обичните и приоритетни акции на Комерцијална банка АД Скопје. Со таа одлука беше предвидено временото прекинување на тргувањето да трае до објавување на дополнителни информации од страна на издавачот, пред се во врска со статусот на потпишаниот акционерски договор и веќе објавената продажба на сопствените акции на банката, како и која било друга информација што може да има влијание на одлуките на инвеститорите во наредниот период.
На 09.11.2006 година Комерцијална банка АД Скопје до Берзата достави известување за статусот на објавената продажба на сопствените акции на банката (истата е времено прекината до добивање на согласност од Комисијата за хартии од вредност за измени во Проспектот за продажба). Исто така, на 10.11.2006 година банката достави до Берзата посебно известување за ценовно чувствителна информација во форма на “Прашања и одговори во врска со постапката за привлекување потенцијален инвеститор” во која се дадени детали за повеќе прашања поврзани со настанатата состојба на пазарот. Добиените известувања од банката се достапни на интернет страницата на Македонската берза.
Имајќи ги предвид објавената ценовно чувствителна информација и доставеното известување од Комерцијална банка АД Скопје, Одборот на директори на Македонската берза заклучи дека се создадени услови за престанок на временото прекинување на тргувањето со обичните и приоритетните акции на Комерцијална банка АД Скопје. Тргувањето со овие акции на Берзата ќе продолжи во Понеделник, 13.11.2006 година. При тргувањето со акциите на Комерцијална банка АД Скопје од Понеделник, како и за останатите котирани хартии од вредност, ќе се применуваат ценовните ограничувања од +/- 5% во однос на просечната цена од последниот ден на тргување.
Одборот на директори на Берзата и понатаму ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.