Загреб, 01.02.2011 година - Денеска директорите на четирите берзи од Љубљана, Загреб, Скопје и Белград ги договорија насоките за понатамошна соработка во текот на 2011 година и потпишаа Анекс кон Меморандумот за партнерство. Главните цели на Меморандумот се поврзани со заедички активности на берзите за развој и хармонизација на пазарите заради овозможување на „далечинско членство“ (кое им овозможува на странските банки и брокерски куќи нерезиденти да станат членки на берзата); хармонизација на критериумите за котација на најстрогиот пазарен сегмент (Супер котација); создавање на инфраструктура наменета за реализација на прекугранични трансакции; подигањето на свесноста за значењето на пензиските реформи за развојот на пазарот на капитал; воспоставување на регионален примарен пазар; како и заеднички проекти за едукација во доменот на нови производи.
Гордана Достаниќ, Иван Штериев Гордана Достаниќ, Иван Штериев, Ивана Газиќ и Андреј Шкета
Рамките во кои се реализира партнерството се веќе утврдени со Меморандумот за партнерство потпишан во декември 2007 година во Скопје, и од тогаш берзите организираа неколку успешни меѓународни инвеститорски конференции (road-shows), заеднички соработуваа со компаниите кои креираат индекси во настојувањето за развивање на нови регионални индекси, а остваруваа и размена на знаења и искуства.
Постепеното приближување на пазарите ќе продолжи да се спроведува преку утврдување и реализација на јасни и изводливи задачи, но постигнувањето на целта која е главен предизвик на долг рок за највисок степен на регионализација подразбира севкупно ангажирање на сите конституенти на пазарот на капитал, вклучувајќи ги и релевантните државни тела, регулатори, како и самиот бизнис сектор.
Неодамнешната криза покажа дека за националните економи и деловните субјекти постојат многу начини како да ги искористат можностите кои можат да ги понудат пазарите на капитал и оваа регионална соработка настојува да се создадат услови за поголемо доверба кон сеуште потценетата сила и потенцијали на регионалниот пазар на капитал.