Македонска берза и оваа година се приклучи кон Иницијативата “Да заѕвониме за родова еднаквост” (Ring the bell for Gender Equality). Мотото за 2026 година е „Права, Правда. Акција, за СИТЕ жени и девојки” (Rights. Justice. Action for ALL Women and Girls), со коешто по повод Меѓународниот ден на жената се повикува на забрзана акција за отстранување на структурните бариери за родова еднаквост. Иницијативата која е поддржана од над 110 други берзи има за цел подигнување на свеста за родовата еднаквост во приватниот сектор, прашањата поврзани со економијата, финансиите и одржливиот развој.
По овој повод, денеска, ѕвоното на Македонска берза заеднички го заѕвонија Гордана Димитриеска-Кочоска, Министер во Министерство за финансии на Република Северна Македонија и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
![]()
„Денеска во Македонската берза се приклучив на одбележувањето на глобалната иницијатива “Ring the Bell for Gender Equality”, посветена на поддршката за родова еднаквост и поголемо учество на жените во бизнисот и лидерските позиции. Оваа иницијатива е порака до сите кои имаат идеја, без разлика на полот, да работат на нејзината реализација. Финансиските средства не препознаваат пол, туку препознаваат идеја, иновативност и креативност, а Берзата е само една одлична алтернатива за реализација. Сакам да поттикнам на работа на своите идеи, а особено жените да ја покажат својата храброст, онака како што ја покажуваат во сите останати општествени процеси, тоа е вистинската енергија која го движи светот напред. Статистиките покажуваат дека мнозинството од вработените во финансискиот сектор се жени, ова е уште еден доказ дека жените се оние кои умно, посветено и со огромна волја сериозно придонесуваат во финансискиот сектор.’’ изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, Министер во Министерство за финансии на Република Северна Македонија.

Во оваа прилика Главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев изјави: „Годинешното мото на оваа глобална иницијатива е силна порака којашто треба сите да не потсети дека вистинскиот напредок кон родова еднаквост подразбира не само декларативна поддршка, туку и конкретни чекори за обезбедување еднакви можности и правична застапеност на жените во сите сфери на општеството, вклучително и во корпоративниот сектор. Како институција што ја поврзува бизнис заедницата со пошироката јавност и инвеститорите, Македонска берза подолг временски период наназад е активна во промовирањето на современи стандарди на корпоративно управување, транспарентност и инклузивност. Токму затоа редовно сме дел од оваа прогресивна глобална иницијатива, со цврсто уверување дека поголемата вклученост на жените во управувачките структури на компаниите е важен предуслов за поодржлив економски развој и подинамичен деловен екосистем.“

Ова е 12-та кампања на глобалната Иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ којашто е партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата и оваа година објавува ажурирана анализа за состојбите со половата структура на составите на органите на управување кај котираните акционерски друштва што е достапна на следниов линк: