Македонска берза за првпат објави „Водич за известување за прашања поврзани со животната средина, општествени прашања и управување“ за котираните компании или „Водич за ESG известување“ (ESG - Environmental, Social and Governance). Водичот е изработен со техничка помош од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Известувањето за одржливоста на работењето на котираните компании станува клучна димензија на развојот на модерните пазари на капитал. Креаторите на политиките, регулаторите и институционалните инвеститори се повеќе ставаат акцент на оваа проблематика што придонесува се поголем дел од глобалните финансиски текови да се движат во насока на одржливи инвестиции. Растот на одржливи инвестиции дополнително налага поголема транспарентност околу начинот на кој компаниите менаџираат со ризиците поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето. Преземањето активности за ублажување на глобалните предизвици како што се климатските промени и губењето на биолошката разновидност никогаш не било покритично.
Водичот за ESG известување е подготвен имајќи ја предвид домашната регулатива, заложбите на Европската Унија за одржливи финансии и меѓународните најдобри практики во оваа област, при што се акцептира дека праксата во нашата држава околу ова е во рана развојна фаза. Водичот се надоврзува на новиот Кодекс за корпоративно управување на Берзата објавен во месец октомври 2021 година, но обезбедува и поширок контекст за имплементација на соодветно ESG известување и пракса. Со публикувањето на овој Водич, Македонска берза стана една од 64-те берзи во светот што имаат објавено прирачници за ESG известување.
„Водичот за ESG известување на Македонска берза за нашите котирани компании претставува практична алатка за обелоденувања поврзани со ESG проблематиката во согласност со новиот Кодекс за корпоративно управување, што го развивме заедно со Комисијата за хартии од вредност, и најновите меѓународни ESG стандарди. Овој Водич е создаден за да им помогне на нашите котирани компании во нивните интеракции со инвеститорите во овој домен и да им помогне да разберат на кој начин интерно да се осврнат на ESG прашањата како клучна компонента во односите со инвеститорите, но и како да управуваат со ESG факторите и ризиците и тоа да стане видливо во јавноста како резултат на нивната посветеност на ова“ – изјави Иван Штериев, Главен извршен директор на Берзата.
„Во изминативе 30 години, ЕБОР е сигурен партнер на Северна Македонија, за што зборува фактот дека повеќе од 2,2 милијарди евра до денес се обезбедени за 154 проекти, како и многу значајни грантови. Во насока на целите на ЕБОР за зелено финансирање, во 2021 година 61% од нашите инвестиции во Северна Македонија беа зелени. И понатаму ќе ја поддржуваме земјата во нејзината транзиција кон ниско-јаглеродна економија отпорна на климатските промени. Понатаму, ние сме силно посветени и на подобрување на стандардите за корпоративно управување во земјата и многу сме задоволни што, по донесувањето на нов и подобрен Кодекс за корпоративно управување на котираните компании на Берзата, подготвен со подршка на ЕБРД, сега Македонска берза го подготви и објави нејзиниот Водич за ESG известување што понатаму ќе им помогне на македонските котирани компани да го подобрат нивното управување и известување” - изјави Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
„Постои зголемена глобална побарувачка за конзистентни и споредливи ESG податоци за друштвата како резултат на тоа што инвеститорите се повеќе бараат долгорочна вредност и усогласеност со целите поврзани со одржливоста и климата. Како што Северна Македонија продолжува по нејзинот пат кон членство во ЕУ ќе биде особено значајно да ја усогласи својата национална регулатива и пазарни практики со ЕУ рамката за одржливост и меѓународните најдобри практики. Новиот Водич ќе ја зголеми свесноста на компаниите за овие практики и ќе им даде подршка во нивното ESG патување„ – изјави Веселина Харалампиева, Помошник директор во ЕБОР.
Македонска берза има суштинска улога во олеснување на текот на ESG информации помеѓу компаниите и инвеститорите, преку зајакнување на транспарентноста на компаниите, обезбедување на соодветни насоки и услуги и зголемување на свесноста за овие прашања на сите пазарни учесници, како и на пошироката група на други засегнати лица.
Прочитајте го Водичот за ESG известување.