Промена на постапката за склучување, пријавување и објавување на блок трансакции на Берзата
понеделник, 23 август 2004
Блок трансакција е трансакција со хартии од вредност помеѓу најмногу 30 (триесет) продавачи и купувачи, која се склучува со посредство на една или повеќе членки на Берзата вон БЕСТ системот.
Блок трансакција можат да склучат сите членки на Берзата.
Блок трансакција може да се склучи само со акции.
Членките на Берзата можат да склучат блок трансакција единствено доколку се исполнети следните критериуми:
-вредноста на трансакцијата мора да изнесува најмалку 5.000.000,00 денари;
-исто правно и/или физичко лице (во лично својство или како застапник по закон на правно лице) не може истовремено да се јави и како купувач и како продавач на хартии од вредност во иста блок трансакција, ниту како истовремен застапник на купувач/и и продавач/и на хартии од вредност во иста блок трансакција;
Цената на пријавената блок трансакција на сите пазари на Берзата не смее да отстапува повеќе од -20% од пондерираната просечна цена на сите трансакции со тие акции на Берзата во последните 30 календарски денови, вклучувајќи го и денот на тргување во кој се пријавува блок трансакцијата.
Доколку со акциите со кои се тргува на официјалниот и неофицијалниот пазар на Берзата, предмет на блок трансакцијата, не се тргувало во последните 30 календарски денови, вклучувајќи го и денот на тргување во кој се пријавува блок трансакцијата, цената на акциите во блок трансакцијата не смее да отстапува повеќе од -20% во однос на нивната номиналната вредност.
На денот на тргување на кој определена акција се уврстува на котација, односно почнува да се тргува на Берзата, без разлика дали е тоа за прв пат или станува збор за промена на состојбата на акцијата во БЕСТ системот, не може да се склучи блок трансакција.
Берзата ја објавува пријавената блок трансакција во деновите на тргување, со соодветен внес на блок трансакција во БЕСТ системот.
Секој ден на тргување, Берзата ги објавува следниве податоци за пријавените блок трансакции со определена акција:
-број на блок трансакции со определена акција;
-вкупната количина на акции што била предмет на блок трансакцијата/трансакциите;
-највисоката и најниската цена на блок трансакциите; и
-промет во денари од пријавените блок трансакции.
Берзата ја известува Комисијата за хартии од вредност за пријавените блок трансакции на крајот на секој ден на тргување.