Од 01.12.2004: котација на акциите на Фершпед АД Скопје и Хотели Метропол АД Охрид, декотација на акциите на Фустеларко Борец АД Битола
вторник, 23 ноември 2004
Одборот на директори на Македонската Берза на седницата одржана на 22.11.2004 година, донесе Одлуки за котација на акциите на Фершпед АД Скопје и Хотели Метропол АД Охрид на Официјалниот пазар на Македонската Берза и Одлука за исклучување од котација на акциите на Фустеларко Борец АД Битола. Акциите на Фершпед АД Скопје и Хотели Метропол АД Охрид ќе котираат на Официјалниот пазар на Македонската Берза почнувајќи од 01.12.2004 година. Акциите на Фершпед АД Скопје ги имаат следните карактеристики: • Издавач: Фершпед АД Скопје; • Број на издадени акции: вкупно 18.113 акции, од кои 16.918 обични акции и 1.195 приоритетни акции на Фондот за ПИОМ, кои со продажбата се претвораат во обични акции; • Номинална вредност на една акција: 37.400 денари; • Шифра на тргување: ФЕРШ. Акциите на Хотели Метропол АД Скопје ги имаат следните карактеристики: • Издавач: Хотели-Метропол АД Охрид; • Број на издадени акции: вкупно 1.035.000 акции, од кои 956.049 обични акции и 78.951 приоритетни акции на Фондот за ПИОМ, кои со продажбата се претвораат во обични акции; • Номинална вредност на една акција: 5 евра; • Шифра на тргување: МПОЛ. Од 01.12.2004 година на интернет-страницата на Македонската Берза, во делот Друштва и пазари, ќе може да се најдат проспектите за котација на Фершпед АД Скопје и Хотели Метропол АД Охрид. Акциите на Фустеларко Борец АД Битола се исклучуваат од котација на барање на издавачот. Како причина за поднесеното барање друштвото наведува дека заради уситнетата сопственост, без доминантен акционер, друштвото продолжило лошо да стопанисува и западнало во долгови. И покрај тоа што се појавиле неколку заинтересирани инвеститори, котирањето на акциите на друштвото претставуваат пречка за дооформување на контролен пакет на акции од еден сопственик, со што станува пречка и за консолидирање и развој на друштвото. Поради тоа, Фустеларко Борец АД Битола бара неговите акции да бидат исклучени од котација на Македонската Берза, а потоа, откако друштвото финансиски ќе се консолидира, повторно да котира, на свое барање. Акциите на Фустеларко Борец АД Битола ќе бидат исклучени од котација на 01.12.2004 година. Од 02.12.2004 година со акциите на Фустеларко Борец АД Битола ќе може да се тргува на неофицијалниот пазар на Берзата.