Имајќи го предвид објавениот јавен повик во весникот „Вечер“ на 15.09.2017 година од лицето овластено од судот за свикување на собрание на акционери на Топлификација АД Скопје за 18.10.2017 година (на кое би продолжиле да се разгледуваат прашања поврзани со работењето на друштвото во 2015 година), во услови кога друштвото во меѓувреме свикало собрание на акционери за 29.09.2017 година (на коешто би се разгледувало работењето на друштвото во 2016 година), како и образложенијата на настаната состојба дадени од Топлификација преку СЕИ-Нет на 18.09.2017 година, во коешто друштвото оценува дека поради одлуки на судот е настаната “целосно конфузна состојба“ којашто допрва треба да биде разрешена, а со цел одржување на стабилен пазар на хартии од вредност и заштита на интересите на инвеститорите, Одборот на директори на Берзата, на својата седница одржана на 19.09.2017 година, одлучи акциите издадени од Топлификација АД Скопје времено да се суспендираат од котација, согласно член 53 од Правилата на Котација на Берзата, во траење од 30 дена, почнувајќи од 20.09.2017 година.
Исто така, Одборот на директори одлучи во текот на траењето на суспензијата со акциите издадени од Топлификација АД Скопје да се тргува на Редовниот пазар на Берзата, на подсегментот Слободен пазар, со цел да им се овозможи на акционерите на Топлификација АД Скопје и на инвеститорите на пазарот на хартии од вредност непречено тргување со овие акции. Тргувањето со акциите на Топлификација АД Скопје на Слободниот пазар ќе почне на 20.09.2017 година, во режим на континуирано тргување.
Оттука, ги информираме инвеститорите на пазарот на хартии од вредност дека при евентуалното тргување со акциите на Топлификација АД Скопје на Слободниот пазар на Берзата, треба да ги имаат предвид настанатите промени во поглед на котацијата на друштвото на Берзата и неговите обврски за известување на јавноста.
Времена суспензија од котација и почеток на тргување на Слободен пазар на акциите издадени од Топлификација АД Скопје
среда, 20 септември 2017